Зошто решив да си отворам блог?

И јас како и сите мои другари и другарки, многу време, а ако ја прашате мајка ми, ќе ви каже дека и премногу време поминувам на нет. Користам од дома, на мобилен, кога сум на факултет, да не кажам од станување, па се додека си легнам. Гуглам се и сешто, проверувам возен ред на градските автобуси, што има вечер по калуфињата и дискотеките, диети, распоред за на факултет и се’ така по ред.

Морам да признаам на портали, понекогаш и на форуми си читам работи поврзани со интимноста. На пример, зашто ми касни понекогаш, да се информирам кој гинеколог би ми го препорачале, симптоми на некои инфекции, дури и до совети за врски.

Од што сум толку долго на нет, да бидам искрена имам прочитано се’ и паметни, но и помалку паметни работи. Точни и проверени, до безвезе информации. Најчесто, оние безвезе информации стигаат до младите, посебно девојките, особено во врска со нивното сексуално и репродуктивно здравје. А сексуалното и репродуктивното здравје е составен дел од сечиј живот. Сексуалноста е една од клучните компоненти, фундаментален дел на она што нас не прави луѓе. Во безбројните разговори со другарките и другарите на оваа тема, ми се долови сликата на генералната младина во Македонија, а на традиционалните медиуми има многу малку простор за овие теми. Затоа се решив на ваков чекор, да направам блог за сексуалното и репродуктивното здравје и права.

На овој блог нема да пишувам само јас, тука ќе има простор и за стручните лица, гинеколози, кои што ќе сакаат да дадат свој придонес за поголема, но пред се вистинска информираност на сите девојки, но и сите млади кај нас.

Тука сум јас, Марија, за вас, да дебатираме, да ме прашувате, тука, на твитер и фејсбук, се’ во врска со сексуалното и репродуктивното здравје и права. Заедно до едно поубаво општество, општество на еднакви, среќни и задоволни на млади, жени и мажи.

 

Leave a comment